Правни документи
Услови за користење
Правила за пристап и користење на платформата MyFinn (finn.mk)
Кој сме ние
Платформата MyFinn, достапна на адресата https://finn.mk, ја обезбедува и ја одржува:
- Назив: ФИНН КОНСАЛТИНГ ДООЕЛ КУМАНОВО
- Седиште: ул. 11-ти Октомври бр. 13, 1300 Куманово, Република Северна Македонија
- ЕМБС: 7080638
- ЕДБ: 4017015529312
- Електронска пошта: info@finnconsulting.mk
- Телефон: +389 31 618 861 | +389 73 220 222
- Веб-страница: finnconsulting.mk
- Дејност: сметководствени, книговодствени и ревизорски работи; даночно советување
Во понатамошниот текст: „Друштвото“, „ние“ или „давателот на услугата“.
Овие податоци се објавени заради исполнување на обврската за информирање од Законот за електронска трговија.
Што опфаќаат овие услови
Овие Услови за користење претставуваат договор меѓу Друштвото и секое лице кое пристапува кон платформата MyFinn или кон некој нејзин дел (веб-страница, кориснички портал, јавни формулари достапни преку линк).
Со пристапувањето кон платформата, со најавата со кориснички податоци или со внесувањето податоци во некој од јавните формулари, корисникот потврдува дека ги прочитал, ги разбрал и ги прифаќа овие услови, како и Политиката за приватност и Политиката за колачиња, кои се составен дел од овие услови.
Доколку корисникот не се согласува со овие услови, должен е да не ја користи платформата.
Овие услови не ја заменуваат посебната писмена спогодба за вршење сметководствени услуги склучена меѓу Друштвото и клиентот. Во случај на несогласување, одредбите на потпишаната спогодба имаат предност во делот што се однесува на самата сметководствена услуга, а овие услови остануваат во примена во делот што се однесува на користењето на платформата.
Поимник
- Платформа / MyFinn — веб-апликацијата достапна на https://finn.mk, заедно со сите нејзини модули, портали и јавни формулари.
- Клиент — правно лице, трговец поединец или физичко лице кое со Друштвото има склучено спогодба за сметководствени или сродни услуги.
- Корисник — секое физичко лице кое пристапува кон платформата, било како вработен во Друштвото, било како овластено лице кај клиентот, вработен кај клиентот, или преку јавен линк.
- Кориснички податоци — сите податоци, документи и содржини што корисникот ги внесува, ги прикачува или на друг начин ги доставува преку платформата.
- Портал — делот од платформата со ограничен пристап наменет за клиенти и за вработени кај клиентите.
Услугата MyFinn
MyFinn е деловен софтвер наменет за водење на сметководствената и административната работа на Друштвото и за размена на документи со клиентите. Преку платформата, во зависност од доделените овластувања, е овозможено:
- издавање, печатење и електронско доставување фактури, вклучително електронски фактури преку системот на Управата за јавни приходи;
- подготовка и печатење на прописани обрасци, договори, одлуки и барања (УЈП, ПИОМ, ФЗОМ, инспекциски и општински обрасци и слично), пополнети со податоците внесени во системот;
- евиденција на вработени, договори, отсуства, плати и придонеси, вклучително подготовка на МПИН пресметки;
- прием, конверзија и прегледување на банкарски изводи;
- евиденција на влезни фактури, трошоци и патни налози;
- преглед на документи, фактури и известувања преку клиентскиот и работничкиот портал;
- автоматски потсетници за рокови (ДДВ, аконтации, истек на договори, лиценци и слично).
Обемот на функционалностите достапни за конкретен корисник зависи од неговата улога и од овластувањата доделени од Друштвото.
Друштвото го задржува правото да ги менува, да ги дополнува или да ги повлекува одделни функционалности заради подобрување на услугата, усогласување со прописите или технички причини.
Кориснички сметки и пристап
Пристапот кон платформата е личен и се врши со корисничко име и лозинка доделени од Друштвото. Не постои јавна регистрација.
Корисникот е должен:
- да ги чува во тајност пристапните податоци и да не ги отстапува на трети лица;
- да користи лозинка што не е лесно погодлива и да ја смени веднаш штом посомнева дека станала позната на друго лице;
- веднаш да го извести Друштвото на info@finnconsulting.mk за секој неовластен пристап или сомнеж за злоупотреба на сметката;
- да се одјави од системот кога го користи уред до кој имаат пристап и други лица.
Секое дејство извршено преку корисничката сметка се смета за дејство на корисникот на кој му е доделена сметката, освен ако корисникот докаже спротивно.
Бројот на истовремени најави по корисничка сметка може да биде ограничен од страна на Друштвото заради безбедност. При надминување на дозволениот број, најстарата сесија се прекинува.
Друштвото води евиденција за најавите и за поважните дејства во системот (записи за пристап и ревизорска трага), заради безбедност, следливост и исполнување на законските обврски.
Обврски на корисникот
Корисникот се обврзува:
- да ја користи платформата исклучиво за целите за кои му е доделен пристап и во согласност со закон;
- да ги внесува податоците точно, целосно и навремено, и без одлагање да ги ажурира при промена;
- да не внесува податоци за кои нема правен основ да ги обработува или да ги достави;
- да не презема дејства што ја загрозуваат безбедноста, стабилноста или достапноста на платформата;
- да не се обидува да пристапи кон делови од системот или кон податоци за кои нема овластување;
- да не врши автоматизирано преземање на содржини, обратно инженерство, декомпилација, копирање или создавање изведени дела од платформата;
- да не ја отстапува, изнајмува или на друг начин да им ја овозможува платформата на трети лица без писмена согласност од Друштвото.
Точноста на податоците е одговорност на корисникот. Друштвото ги обработува податоците онака како што се внесени и не одговара за последиците од неточни, нецелосни или ненавремено доставени податоци, вклучително за прекршочни и даночни последици кај клиентот.
Податоци и содржина на корисникот
Сите деловни податоци и документи што клиентот ги внесува или ги доставува преку платформата остануваат сопственост на клиентот. Друштвото не се стекнува со сопственост врз нив и не ги користи за цели различни од извршување на договорената услуга и исполнување на своите законски обврски.
Друштвото ги обработува личните податоци содржани во тие документи во својство на обработувач, по налог и за сметка на клиентот, кога станува збор за податоци на вработените и на деловните партнери на клиентот. Деталите се уредени со Политиката за приватност и, каде што е потребно, со посебен договор за обработка на лични податоци.
По престанокот на деловниот однос, клиентот има право да побара преземање на своите податоци во читлив електронски формат. Друштвото ги задржува документите и евиденциите за периодот пропишан со прописите за сметководство, даноци и спречување перење пари.
Достапност на услугата и одржување
Друштвото вложува разумни напори платформата да биде достапна непрекинато, но не гарантира непрекината и безгрешна работа.
Достапноста може да биде привремено прекината или ограничена поради:
- редовно или вонредно одржување и надградби;
- дефекти или прекини кај хостинг-провајдерот, интернет-операторот или кај системите на трети страни (УЈП, банки, доставувачи на електронска пошта);
- виша сила или настани надвор од контролата на Друштвото.
За планирано одржување што значително ја ограничува достапноста, Друштвото ќе се обиде однапред да ги извести корисниците.
Друштвото редовно изработува резервни копии на податоците, но корисникот е должен и самиот да ги чува оригиналните документи што ги доставува.
Врски со системи на трети страни
Одделни функционалности на платформата зависат од системи со кои Друштвото нема управување, како што се системот за електронски фактури на Управата за јавни приходи, електронските услуги на државните органи, банкарските системи и услугите за електронска пошта.
Друштвото не одговара за недостапност, промени, грешки или задоцнувања што потекнуваат од тие системи, ниту за последиците од нив. Друштвото ќе постапува со должно внимание за да ги ублажи последиците и да го извести клиентот.
Интелектуална сопственост
Платформата MyFinn, нејзиниот изворен код, дизајн, структура, бази на податоци, текстови, обрасци, лого и назив се предмет на заштита согласно Законот за авторското право и сродните права и другите прописи од областа на интелектуалната сопственост, и се исклучива сопственост на Друштвото.
Со доделувањето пристап, корисникот добива ограничено, неисклучиво, непреносливо и отповикливо право да ја користи платформата за времетраењето на деловниот однос и во рамките на доделените овластувања. Ниту едно право не се пренесува на корисникот освен изречно наведеното.
Прописаните обрасци и правни акти што платформата ги пополнува остануваат содржина како што е пропишана со законските и подзаконските прописи.
Заштита на личните податоци
Обработката на личните податоци преку платформата се врши согласно Законот за заштита на личните податоци.
Детален опис на тоа кои податоци се обработуваат, врз кој правен основ, колку долго се чуваат, кому се доставуваат и кои права му припаѓаат на субјектот на лични податоци е даден во Политиката за приватност, која е составен дел од овие услови.
Информациите за колачињата и за локалната меморија што ги користи платформата се дадени во Политиката за колачиња.
Спречување перење пари и финансирање тероризам
Како субјект на кој се применува Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, Друштвото е должно да спроведе мерки на анализа на клиентот, да ја утврди и провери идентичноста на клиентот и на вистинскиот сопственик, да го следи деловниот однос и да ја чува документацијата во пропишаните рокови.
Заради тоа, клиентот е должен на барање на Друштвото да достави идентификациони и други потребни документи и податоци и да ги ажурира при промена. Друштвото има право да одбие воспоставување или да го прекине деловниот однос доколку тие податоци не се достават или доколку не може да се спроведе анализата на клиентот.
Кога е тоа пропишано со закон, Друштвото ги доставува податоците до Управата за финансиско разузнавање. Во тие случаи Друштвото постапува согласно законската забрана за откривање, што значи дека не смее да го извести клиентот за доставеното известување.
Ограничување на одговорност
Друштвото одговара за штета настаната со намера или со груба небрежност, согласно Законот за облигационите односи.
Во рамките дозволени со закон, Друштвото не одговара за:
- штета настаната поради неточни, нецелосни или ненавремено доставени податоци од корисникот;
- изгубена добивка, индиректна или последична штета;
- недостапност или грешки на системите на трети страни наведени погоре;
- последици од губење или отстапување на пристапните податоци на корисникот;
- штета настанета поради виша сила.
Ниту една одредба од овие услови не ја исклучува одговорноста што според закон не може да биде исклучена, вклучително одговорноста за штета врз животот и здравјето и одговорноста за повреда на прописите за заштита на личните податоци.
Времетраење, суспендирање и престанок
Правото на пристап трае додека трае деловниот однос меѓу Друштвото и клиентот, односно додека постои основот врз кој на корисникот му е доделен пристап.
Друштвото има право веднаш да го суспендира или да го укине пристапот доколку:
- корисникот ги повредува овие услови или прописите;
- постои основано сомневање за неовластен пристап или за загрозена безбедност на сметката;
- престанал деловниот однос или основот за пристап (на пример, престанок на работниот однос кај клиентот);
- обврските за плаќање не се исполнети во договорениот рок.
Престанокот на пристапот не влијае врз обврските настанати пред престанокот, ниту врз обврската на Друштвото да ја чува документацијата во законските рокови.
Цени и плаќање
Пристапот кон платформата е дел од сметководствената услуга што Друштвото ја врши за клиентот и се уредува со спогодбата склучена со клиентот. За вработените кај клиентот и за другите корисници на порталот, пристапот е бесплатен.
Доколку за одделни дополнителни функционалности се воведе посебен надоместок, клиентот ќе биде известен однапред и во разумен рок пред примената.
Измени на овие услови
Друштвото има право да ги менува овие услови заради усогласување со прописите, промени во услугата или подобрување на јасноста.
Изменетата верзија се објавува на оваа страница со наведен датум на примена. За суштински измени, корисниците се известуваат преку електронска пошта или преку известување во самата платформа, најмалку 15 дена пред нивната примена.
Продолженото користење на платформата по датумот на примена се смета за прифаќање на изменетите услови. Корисникот кој не се согласува со измените има право да престане да ја користи платформата и да побара укинување на пристапот.
Применливо право и решавање спорови
За овие услови и за односите што произлегуваат од нив се применува правото на Република Северна Македонија.
Страните ќе се обидат сите спорови да ги решат спогодбено. Доколку тоа не е можно, за решавање на спорот е надлежен Основен суд Куманово, освен кога со закон е предвидена исклучива месна надлежност на друг суд.
Ништовноста или неприменливоста на одделна одредба не влијае врз важноста на останатите одредби.
Контакт
За прашања, приговори и барања поврзани со овие услови:
- ФИНН КОНСАЛТИНГ ДООЕЛ КУМАНОВО
- ул. 11-ти Октомври бр. 13, 1300 Куманово, Република Северна Македонија
- Е-пошта: info@finnconsulting.mk
- Телефон: +389 31 618 861 | +389 73 220 222
Ова е официјалната верзија на документот. Преводите на албански и на англиски јазик се дадени заради полесно разбирање; во случај на несогласување, важи текстот на македонски јазик.
Прашања за овој документ? info@finnconsulting.mk · +389 31 618 861 | +389 73 220 222